07Ное
 

Белград- крстосница на светските патишта

„In vino veritas“

Белград отсекогаш важел за град кој нуди уживање во секој поглед, за секој турист. Некои го опишуваат како балканска престолнина на раскошот и убавите доживувања. Меѓу другото, она со кое Белград посебно зрачи, е уживањето кое може да му го приреди на секој вистински боем.

                „Ако Белград е крстосница на светските патишта, Скадарлија е неговата душа.“ Вака се опишува најпознатата боемска улица на Балканот, векови наназад. Тоа не е само улица, туку цел боемски кварт, срцето на боемскиот живот во Белград кој од почетокот на ХХ век до сега неуморно отчукува заедно со срцата на илјадниците посетители. Местото претставува незаобиколлив дел за секој турист кој посакува целосно да го почувствува шмекот на прекрасниот град. Првите градби на тлото на денешна Скадарлија се втемелени во почетокот на ХVIII век, а од тогаш до сега нејзината намена се менувала повеќе пати. Од маало со четиринаесетина куќи, до место каде се наоѓал индустриски комплекс, за на почетокот на ХХ век да почне да го добива својот „кафански шмек“. Исто така, гламурот на оваа боемска убавица го докажува тоа што на масите на скадарските кафани, низ историјата, имале можност да седат кралицата Елизабета, Маргарет Тачер, кралицата Софија и многу други значајни личности. Споменикот на Ѓуро Јакшиќ е симбол на Скадарлија и е поставен пред куќата во која тој негогаш живеел. Калдрмата ја разубавуваат и Себиљ чешмата и Новата Скадарска чешма, од кои се прелева отменоста на боемскиот дух во Белград. Денес, по големата калдрма, која е заштитник на етно-духот на Белград, се распослани бројни кафани меѓу кои најпознати се: „Три шешира“, „Два бела голуба“, „Има дана“ и ред други. Апсолутно препорачуваме да ја искористите можноста за време на вашето новогодишно патување во Белград го искористите да прошетате под светлата на ова надалеку прочуено, уникатно катче. Со чаша добро вино и специјалитет на куќата уживајте во староградските ноти и звукот на тропање на штикли по камената калдрма, притоа, голтка по голтка испраќајќи ја 2017та.

                Секој град има свој центар, и своја периферија, па така и боемскиот живот во Белград покрај долж своето срце, распространет е и на секој агол од градот. Шетајќи низ улиците, покрај жуборењето на Дунав и Сава, непрестано ќе ве повикува мелодијата на песните за душа и мирисот на старо вино. Секоја кафана затскриена зад големите белградски булевари засебно плени со свој посебен шмек и отменост. Секоја од нив нуди прекрасно поминат ден, или пак бурна ноќ во која ќе уживате слушајќи некоја ваша омилена „Стара песма“. Таму секој сплав претставува засебен бисер кој се лула на површината на некоја од двете прекрасни реки кои гордо врват низ белградскиот раскош.

                Дестинацијата која со чест и задоволство ви ја нудиме за најлудата ноќ во годината, без сомнеж претставува широк спектар на боемски ноти кои во секој момент ве канат да се напиете некоја чашка, да наздравите со пријателите и да уживате во времето одлично потрошено.

 

Автор:
Симона Туфегџиќ