29Мај
 

Будва

Црна Гора, земјата на југозапад со излез на Јадранско море е уште често нарекувана земја со фасцинантна природна убавина. Оваа земја исто така е позната по најубавиот приморски град, Будва. Брегот околу Будва, уште наречен центар на туризмот во Црна Гора е и добро познат по неговите песочни плажи, богат ноќен живот и прекрасни средоземноморски градби.

Будва е еден од најстарите урбани центри на Јадранот, со повеќе од 2.500 години старост и со околу 13,338 жители. Нуди бројни споменици од Античко време како и од Средниот Век, кои што упатуваат на постојан и активен живот на овој древен град. Едни ја класифицирале како град на Илирите, други како град со римски граѓани, но овој град денес е со сигурност град на младите и на туристите. Оваа Будванска ривиера, како центар на туризмот во Црна Гора, им нуди на туристите одмор, плажа и море, но за тие кои што не сакаат да спијат навечер, нуди богат ноќен живот и забава до раните утрински часови, со најразлични тематски содржини, како и продолжување на забавата на една од денските журки на плажа. Меѓу најпознатите клубови овде се: К3, Тrocadero, Top Hill и Sparta.

Од друга страна, овој град нуди голем спектар на сместувачки капацитети од приватни апартмани до луксузни хотели. Почнувајќи од Велигден и 1ви мај, тесните улички со камен поплочени, секојдневно ги водат многубројните туристи кон градските плоштади, каде што можат да уживаат дегустирајки убаво локално вино во преубавите ресторани. Плажите нудат уживање за млади како и за фамилии. Меѓу најпополарните плажи се Плажата Морген, Плоче, Јаз, Словенската Плажа и плажата Каменово. Плажата Морген, сместена меѓу неколку големи карпи во близина на Стариот Град има најубава околина и поглед, од една страна поради восхитувачки бистрата вода, од друга страна преубава песочна плажа и околните карпи. Словенската плажа, како и плажата Каменово се идеални плажи за одмор, со мек ситен песок и преубав поглед од зелени ридови и кафичи за комплетна релаксација. Но, една од плажите овде нуди посебна тиркизна боја на морето, како и малку поразлично искуство со поразличен дел на самата плажа резервиран за нудисти, а тоа е плажата Јаз.
За комплетно надополнување на убавините на Будва е и островот Св.Стефан, уште познат и како град-хотел. Отворен е само за летната сезона и е едно од најлуксузните места на целиот Јадран, што укажува дека овде престојувале и многу познати актери, пејачи, принцови и уметници од целиот свет.

Доколку сте гладен турист, доколку трагате по убавина, нови спомени, уживанција и забава до утринските часови, возбудливата и динамична Будва е несомнено место кое треба да се посети ова лето.