17Мар
 

ЛЕФКАДА – недопрена природа и одличен ноќен живот

Лефкада е остров на јонскиот архипелаг, кој се наоѓа јужно од Крф и североисточно од Кефалонија, додека пак со континенталниот дел на Грција е поврзана со подвижен мост. Лефкада со причина го нарекуваат островот “боја“, поради белата боја на карпите и песокот по кој островот го добил своето име (лефко – бело), сината боја на морето која може да се спореди само со морињата на далечните егзотични дестинации, зелените борови, чемпресот, маслиновите дрвја и разнобојните цвеќиња. Покрај величествените и несекојдневните природни убавини, островот изобилува и со културни и забавни содржини. Бројните beach – барови, клубови, традиционални ресторани и излети гарантираат врвна забава. Се впуштаме во летна авантура! Совршена комбинација на одмор и забава. Она што островот Лефкада го прави единствен во однос на многуте други грчки острови е секако сочуваната автентичност и дискретност.

Лефкада е прилично голем остров. Во насока север-југ е долг 35 километри, додека исток-запад, преку 15 километри. Вкупната површина на островот изнесува 336 километри квадратни. Највисоката точка на островот е планината Ставрота, која се наоѓа на средината на копнената маса и се издига до 1.158 метри надморска височина.

Јонскиот брег со многубројните скриени плажи е вистински магнет кој во последните години мами милиони туристи. Лефкада е најпрочуена според плажите од кои застанува здивот. Ги издвојуваме најубавите и најпознатите за вас:

  • Агиос Јоанис (Agios Ioannis)

Златно-белите песоци на оваа плажа навистина потсетуваат на карипските плажи. Се наоѓа одма до главниот град на островот. Поради честиот ветер оваа плажа е најомилена меѓу сурферите.

  • Катизма (Kathisma)

Една од најубавите! Долга, со бели песоци и кристално тиркизно море, опкружена со импресивни карпи, меѓу кои можете да пливате и да го истражувате морскиот свет на Јонското море. Навистина не се пропушта!

  • Порто Кацики (Porto Katsiki)

Оваа плажа гордо го носи приматот за најдобра плажа на Медитеранот, оценета од многубројните туристи кои ја посетиле. Баш поради тоа, оваа плажа е речиси секогаш преполна. До неа ќе стигнете со слегување по 80тина скалила од карпата над плажата. Но, исто така, до Порто Кацики можете да стигнете и со такси на вода!

  • Eгремни (Egremni)

За жал оваа плажа минатата година беше погодена од силен земјотрес , кој речиси ја уништи цела.  Сепак, морската вода брзо го расчисти песокот од Егремни и остана еден мал дел од она што беше претходно. Да се надеваме дека за скоро ќе биде реконструиран патот кој води до плажата и познатите 347 скалила кои водеа до неа.