17Мар
 

САНТОРИНИ – ВУЛКАНСКОТО СРЦЕ

Симболот на Грција наречен Санторини, препознатлив по куќите од бел камен со плави покриви е еден од 10-те најромантични дестинации во светот. Санторини е најјужниот остров на островската група Киклади, и во поголем дел е планински остров. Некогашното вулканско дно, а сега залив. Пред околу 3.600 години се случила ерупција на вулканот која довела до силно цунами кое било виновно за бришење на минојската поморска цивилизација. Вулканскиот песок и неверојатните пејзажи го прават овој остров најпрекрасно место за одмор. Спектакуларна, бела убавина заедно со динамичен ноќен живот – БИНГО! Санторини, своето име го има добиено од заштитничката на островот Света Ирини, за која постои верување дека ги штити паровите кои ќе се венчаат на островот, па затоа често се нарекува и Островот на заљубените. Ова е местото каде што ќе наидете на црвени карпи, црни плажи, бели ветерници и сини куполи. Да, исто како од разгледниците.

Прошетајте во центарот на случувањата, гратчето Оја, по должината на работ на изгасениот вулкан на северниот брег од островот, кадешто се лоцирани најлуксузните хотели. Ја носи титулата за најубавото место, доделена од страна на Светската туристичка организација.

Она што не смеете да го пропуштите е посетата на најмладите вулкански острови во Источниот Медитеран – Палеа Камени и Неа Камени, два мали острови кои се резултат на најновата активност на вулканот.

Сигурни сме дека сте слушнале за овој прекрасен остров, но проверете дали ги знаете овие интересни факти за Санторини:

  • Официјалното име на Санторини е Тира
  • На Санторини расте посебен вид на грозје – Assyrtiko. Производството на вино е една од омилените активности на жителите на Санторини. Велат дека вулканската средина на островот придонесува за карактеристичниот вкус на виното. Најпознато е Винсанто.
  • Санторини е најголемиот активен морски вулкан во светот
  • Во Санторини може да престојувате во куќи-пештери, кои биле изградени од локални морнари кои сакале да се заштитат од силните ветрови. Многу од овие стари куќички сега се надградени и луксузни и се користат за сместување на туристи
  • Само 15.000 луѓе живеат на островот, но секоја сезона го посетуваат преку 1.5 милиони туристи
  • Тука може да го гледате најубавото зајдисонце во светот!