01Апр
 

СООПШТЕНИЕ ЗА СИТЕ ПАТНИЦИ

Почитувани патници, партнери, пријатели, Би сакале да ве информираме дека во континуитет го следиме развојот на настаните со вирусот COVID-19, како во нашата земја така и пошироко.

Свесни сме за сериозноста на ситуацијата посебно во областа на патувањата и туристичките аранжмани и ве уверуваме дека безбедноста на клиентите, нашиот персонал, како и заедницата е наш највисок приоритет. Здравјето е заедничка одговорност, па затоа сите заедно ги следиме препораките и насоките на Министерството за Здравство, Владата и останатите надлежни институции чија цел во овие сериозни времиња е да помогнат во континуитет со своите активности кон што полесно и побрзо пребродување на овој глобален здравствен предизвик.

Сите сме свесни дека последиците кон целокупната економија, а посебно кон туризмот и угостителството уште од почетокот се големи. Редовното функционирање во туризмот и агенциското работење кое опфаќа повеќе туристички услуги обезбедени од различни субјекти (превозници, сместувачки капацитети, авио компании итн…) е целосно компромитирано и во услови на глобална пандемија, оневозможено проследено со затворени граници, патишта и хотели, огромен број на откажани летови…

Сведоци сме и се соочуваме со историски најголемиот застој во светските туристички движења. Затоа и пристапот кон решавањето на одредени прашања и проблеми произлезени од мерките за безбедност на владите во светот вклучително и на нашата влада има генерален карактер, а не индивидуален.

Почнувајќи од 18.03.2020 година од страна на претседателот на државата е прогласена вонредна состојба во времетраење од 30 дена. Дополнителните мерки кои се превземаат од страна на надлежните органи и институции се многу динамични и често се менуваат од ден на ден, па сите се во насока на привремен прекин на било какви туристички патувања

Овој период додека се на сила посебните мерки поставени од надлежните институции, нашата канцеларија не работи, а комуникацијата се одвива преку официјалната меил адреса со интензитет согласно темпото на пратени меилови, прашања, барања.

Нормално и очекувано е во вакви услови до нас како туристички субјект да пристигнуваат различни барања, соопштенија, изјави, прашања и приговори од страна на патниците и клиенти кои со имаат со различна уплата реализирано резервација за валиден туристички аранжман (апсолвентски екскурзии, пролетни патувања, летувања, индивидуални аранжмани) преку нашата агенција Рапсоди травел ДОО Скопје.

Согласно тоа би сакале да ги информираме нашите патници и клиенти дека разгледувањето и анализата на поединечните приговори и/или барања за отказ на аранжманот надвор од периодот во кој важат специјалните вонредни мерки, се одвива во отежнати околности.

Според тоа повикувањето на конкретни рокови од нашите општи услови за патување во вакви вонредни околности не се релевантен извор на облигациони права и обврски за било која од договорените страни.

Притоа би сакале да додадеме дека и крајните провадери / даватели на услуги (авиокомпании, хотели, превозници,туроператори) работат во слични вонредни околности со намален или оневозможен капацитет, што дополнителни го отежнува целокупниот процес.

Затоа замолуваме, препорачуваме и апелираме до сите корисници да ги согледаат и разберат овие сложени моменти и секако им благодариме за целосното разбирање.

Станува збор за ситуација која мора да биде третирана како виша сила и како таква не може во целост да се контролира или предвиди, ниту можеме индивидуално како граѓани, стопанственици или корисници на услуги да влијаеме на нејзиниот развој и тековни случувања.

Во продолжени на ова соопштение ги презентираме генералните официјални ставови на ТА Рапсоди травел ДОО Скопје поврзани со статусот на реализација на аранжманите на кои новонастанатата ситуација со корона вирусот има директно или индиректно влијание. Истите се донесени врз основа на соодветни законски прописи, официјални препораки и насоки дадени од страна на Владата на Република Северна Македонија, како и ставовите што ги застапуваат коморите и здруженијата од облата на туризмот и АППТРСМ кои изминатиот период беа во интензивна комуникација со Министерството за Економија.

Како што веќе е и официјално објавено, оваа комуникација помеѓу организациите на туристички субјекти и соодветното министерство резултираше со конкретна уредба со законска сила штитејќи ги правата на патниците и им овозможува да ги искористат уплатените средства за аранжманите кои се спречени да се реализираат,  во форма на вредности ваучери кои ги издаваат агенциите .(Ваучер систем кој ТА Рапсоди травел ДОО Скопје веќе го понуди на своите клиенти за т.н. апсолвентски екскурзии )

По донесената уредба со законска сила од страна на Владата го дополнуваме објаснувањето околу ставовите на ТА Рапсоди травел ДОО согласно типот и временската поставеност на аранжманот.

 

1. Аранжманите (Апсолвентска екскурзија 20, 12 и 10 дена, Велигденските и првомајските патувања) кои не може да бидат реализирани заради вонредната состојба

 

Паричните средства за аранжманите кои требало да се реализираат во изминатиот период како и оние кои треба да бидат реализирани во периодот што следува, но се оневозможени како резултат на вонредните мерки преземени од властите или економските оператори, како и случувањата со корона вирусот, ќе бидат соодветно и компензирани со вредносни унифицирани ваучери, согласно уредбата со законска сила која на 24.03.2020 година ја презентираше Министерството за Економија, која стапи на сила со излегувањето во Службен весник на РСМ, бр.80 од 27.03.2020 година.  

Уредбата важи за сите аранжмани од прогласување на Вонредната состојба, вклучувајќи ги и 8-ми мартовските аранжмани како и аранжманите за летната сезона. Целта на мерката е луѓето кои имаат уплатено аранжман да можат истите да ги искористат до крај на 2021 година, додека Агенциите да не се принудат да ги враќаат парите сега за време на криза. Ваучерите кои ќе бидат издадени од страна на агенциите треба да се во 3 примероци од кои, еден примерок треба да се достави во Министерство за економија. Агенциите кои ќе издаваат Ваучери истите ќе мора да ги реализираат, односно не смаат истите да прогласат престанок на вршење на дејноста без да се обесштетат граѓаните.

Ова се однесува на резервациите на аранжмани во организација на ТА Рапсоди травел ДОО Скопје – без раслика дали се направени директно во агенција или преку некоја од нашите партнер агенции.

Ваучерите ќе бидат во износ на извршената уплата и како алтернативен начин на рефундација ќе може да бидат пренаменети и искористени од страната на патниците за друг аранжман во организација на ТА Рапсоди травел ДОО Скопје, кој ќе биде договорен помеѓу патникот/клиентот и агенцијата организатор, во период најдоцна до 31.12.2021 година *** (сите оние кои веќе имаат добиено ваучер од ТА Рапсоди травел ДОО Скопје пред се за апсолвентска екскурзија ќе добијат соодветен нов унифициран ваучер согласно уредбата со законска сила на целосниот износ кој го уплатиле).

Дополнително, едно инфо за нашите апсолвенти со кои сите овие години градиме спомени бидејќи апсолвентската екскурзија е едно патување кое е поразлично од секое друго индивидуално патување, едноставно патување на генерацијата, дека по завршувањето на состојбите со епидемијата во најскоро и пред се соодветно време (согласно предавања, испити на факултет), ќе биде организирана апсолвентска екскурзија и вие НЕМА да бидете генерацијата која не го доживеала ова патување.

Сите сме свесни дека не е случајно што вашата омилена агенција за млади Рапсоди травел ДОО ги носи повеќе од 95% студентите од цела држава на апсолвентска екскурзија. Самите вие , нашите драги апсолвенти добро знаете дека кој и да прашате околу вас во ваша непосредна близина, на факултет… своето место за екскурзија го резервирал во Рапсоди.(искуствата и бројките од минатите години дополнително го потврдуваат тоа) и дека на сите заедно ни е жал што токму ова се случува оваа пролет.

Пораката што ви ја праќаме е дека во најбрзо време со средување на состојбите екскурзија ќе има

Важно е да се напомене дека индивидуалните аранжмани кои вклучуваат авионски превоз мора да бидат третирани поинаку во делот на авионските билети. Авионскиот превоз е со посебни правила и услови, па затоа и начинот на кој патникот ќе ги искористи уплатените средства го диктираат самите авиокомпани.

Сите одредби во овој дел со авиобилетите ќе бидат дополнително и навремено искомуницирани

 

2. Летни аранжмани и останати патувања кои не се во период на важност на вонредната состојба и за кои во моментов нема препораки или мерки со кои би се компромитирала реализацијата.

 

Тоа што треба да се знае и да се има во предвид е дека при носењето на одлука за отказ или промена на аранжман поради корона вирусот е дека сите препораки и рестрикции за патување издадени од надлежни органи имаат временска рамка на важност.

Летните аранжмани во организација на ТА Рапсоди травел ДОО остануваат со регуларен план за реализација и во овој момент не се планира отказ на ниту една програма поради Корона вирусот.

Уплатените авансни парични средства за летните аранжмани и сите подоцнежни патувања – уплатени во т.н. период на рана уплата и за кои важеле посебни цени и попусти се средства кои не можат да бидат рефундирани. Тоа се средства кои се веќе уплатени до крајните субјекти – даватели на услугите (сместувачки капацитети, авионски превозници, туроператори) и согласно општите услови организаторот има право да наплати отказни пенали во висина на уплатената аконтација.

Во случај состојбите и развојот на состојбата со корона вирусот да ја оневозможат реализацијатата и на овие аранжмани (или дел од истите) и агенцијата е приморана да ги откаже истите, секако ќе излеземе со конкретен план на соодветни активности во рамка на законските прописи и соодветните насоки и одредби од властите.

Со оглед на динамичноста и неизвесноста во развојот на состојбите, ние ќе вложиме максимални напори да се прилагодиме на новонастанатата ситуација и да излеземе во пресрет на потребите и можностите на нашите патници и клиенти.

Убедени сме дека со добри намери, заедничко разбирање и трпение ќе успееме да го надминеме секое поединечно недоразбирање согласно законските правила и прописи.

Веруваме дека како и во многу други ситуации до сега така и овој пат ќе најдеме сила, верба, начин да го надминеме овој предизвик и да продолжиме со заедничките активности. До тогаш чувајте го Вашето здравје, бидете одговорни кон себе и кон околината и во добро расположение уживајте во друштво на најблиските

 

Ваш

ТА Рапсоди травел ДОО