30Ное
 

Викенд полн енергија

Банско

 

Банско – мало место со големи можности ​Во закрила на прекрасната планина Пирин, на 160 километри од Софија се наоѓа прекрасното местенце Банско. Искачено на повеќе од 920 метри надморска височина, легнато на двете страни од реката Глазне, ова место секоја зима вешто ја припива секоја снегулка и непрестано плени со својата убавина и привлечност. Банско располага и со богата историја, за што сведочат бројни куќи и оставнина стара десетици векови, кои го раскажуваат владеењето на Отоманската империја, војните, ослободувањата и истовремено го пишуваат денешното модерно време.  ​Банско важи за најдобар и најатрактивен скијачки центар во Бугарија, а стои и на висока позиција меѓу скијачките центри на целиот Балкан. Со патеки кои се простираат на повеќе од 2 километри височина, пружа незаборавна скијачка авантура за секој приврзаник на снежните спортови. Затоа, ние ви нудиме завршница на неделата полна со адреналин и уживање спуштајќи се низ белата покривка долж пиринскиот планински масив. Љубителите на релаксацијата и одморот тука имаат можност да ги наполнат батериите вдишувајќи од беспрекорно чистиот воздух и одморајќи ги очите во занемувачкиот поглед кој Банско го нуди од секоја можна перспектива. Прошетката по тесните улички и густите шуми завршете ја со тоа што ќе се почестите во некоја од добропознатите „механи“ во која ќе се нагостите со специјалитетите од националната кујна. Потоа во некој од прекрасните хотели уживајте во привилегиите со кои располага и несомнено овозможува мини – одмор од соништата. Нека денот во Банско ви помине на ваков или на онаков начин, онака како што го замислувате вие, а кога ќе се стемни не размислувајте многу – впуштете се во исполнетиот и интересен ноќен живот. Одличните клубови и барови ќе бидат шлагот на вашето патување, а Рапсоди атмосферата нека ви биде јаготката. Јануарските викенди се облиени во празничен дух и топлина, затоа искористете ги да избегате од градскиот метеж, да се затскриете во ова прекрасно место и секако – да ја одберете агенцијата која најдобро ќе ви го овозможи тоа!

 

Автор: Симона Туфегџиќ