16Мар
 

Барселона – каталонската кралица

Најголемо пристаниште на Медитеранот, главен град на автономната заедница Каталонија и втор град по големина во Шпанија, Барселона e еден од највозбудливите и најдинамичните дестинации на ова наше апсолвентско патување. Овој шармерски град како што многумина го нарекуваат, со сигурност ќе ве магепса уште на првиот поглед. Сплет од различни култури кој нуди разноврсни архитектонски знаменитости, изложби, концерти и авангардни клубови. Имајте ја во предвид и 4 километарската плажа на пешачка далечина од центарот на градот и топлото сонце во текот на целата година, што ја прави Барселона уште попривлечна за вас. Секој агол од градот нуди ново изненадување, од архитектура, од храна, па сè дo непредвидливи интеракции со неговите жители.

Ќе прошетате низ легендарната двокилометарска улица Ла Рамбла (Las Ramblas), булевар познат по кафетериите и пабовите (читај Хард Рок), уличните претстави, продавници, галерии, живи статуи и акробати. Ќе имате можност да ја видите најпопуларната атракција на градот – волшебната фонтана (Font Magica), па потоа најпознатата црква во готски стил Саграда Фамилија која е сеуште во изградба. Ќе уживате во најубавиот градски парк Montjuic, и музејот на Пикасо. Никако да не се заборават архитектонските дела на модернистичкиот архитект Антонио Гауди, чии градби ја прославија Барселона. А, за љубителите на најважната споредна работа на светот – посетете го музејот на фудбалскиот клуб Барселона, односно стадионот Камп Ноу (Camp Nou).

За оние кои се по купувањето – не се грижете! Во овој монденски град е незамисливо да се пропушти шопинг. Продавниците и бутиците по текот на улицата Passeig de Gràcia, ќе го задржат вниманието и на најприбирливите купувачи.

Но, внимавајте! Барселона е позната по своите таканаречени џепчии, а вие сте нивната омилена мета. На сите позначајни туристички места тие се тука некаде, се приближуваат наивно, чекаат турканици и првата можност да ја искористат за роварење во чантите на туристите. Исто така, некои од нив имаат и необичен театарски изведен начин на крадење – без да видите ве прскаат со течност која наликува на измет од птици. Веднаш потоа, случајно, ви приоѓаат на помош. Вадат влажни шамичиња и великодушно ви помагаат да се избришете. Но, великодушноста е мамка. Додека ве чистат, тие ве обработуваат и нивните раце се во вашите џебови. Крајниот резултат е збогување од вашиот мобилен телефон или паричник. Не дозволувајте да бидете жртва на нивните вешти лепливи прсти!

Но, доволно за џепчиите. Барселона е град во кој треба да се ужива, можеби со малку повеќе внимание кон вашата чанта . А тимот на Rapsody Travel ви гарантира максимално уживање и спомени кои ќе ги раскажувате со години! Не пропуштајте!